НОВ ЕК

Чибук Меана

јануари 12, 2010 · 11 коментари

Чибук Меаната била една од првите изѕидани модерни згради што никнале после големиот пожар во чаршијата некаде на почетокот на предминатиот век. Била направена по сите тогашни тертипи со визба и високо приземје, со одајчина и куња позади главната приемна сала и со посебни простории за стопанот каде што живееле тој со неговата фамилија и неколку мали чираци кои повеќе биле примени од милост и за да им се дава леб, отколку што навистина биле потребни.

Чибук Меаната како што се викала гостилницата неофицијално го беше добила тоа име по гостите што тука доаѓале на сефалак и на кафе муабет, а чибуците и тутунот биле обавезен и незаобиколлив дел на целата слика во меаната.

Оделе сите… И младите бежина кои пиеле кафе, пушеле како смил жолт тутун и крадешкум се напивале по некоја лута ракија, а од време на време и по некое црвено винце. Доаѓале и чорбаџиите и главите на чаршиските еснафи, доаѓале и младите учители и членовите на црковната општина, па и големите чифликсајбии кои после осамениот престој на чифлиците тука им било местото каде што се научувале што се прави во царштината, дали се каурите мирни и дали од Солунот има стасано некое ново европско чудо кое со злато се плаќало и се носело за со него да се топорат пред каданите во сарајот.

Со еден збор Чибук Меаната било космополитско место каде што Турските Бегови, Каурите, Власите, Џупците и по некој Грк се мешале едни со други, седеле заедно по масите и диваните, се префрлале од маса на маса и гласно се вклучувале во муабетите кои биле јавни и изложени на сечија критика. Понекогаш некое поднапиено беже со право ќе мавнел со камшикот и меаната за момент се смирувала, а луѓето се повлекувале и седнувале каде што им личи и со кого што им личи. Тогаш Турците ќе промрмореле дека не е на арно, Грците гласно ќе кажеле по некој двосмислен збор, а на Македонците ќе им текнело дека треба да се купуваат кубури за зорзаман.

Чаршијата растела, се менувала, но Чибук Меаната останувала на истото место и со истиот статус – Центар на Светот и место каде што се кроела судбината на градот, на целата кааза, па и на вилаетот. Тука се носел новиот тутун, тука се запушува и се ценел, се носеле питите опиум и балите памук и тука се погаѓале цените со трговците од Солун, Дубровник и Стамбол. Странците доаѓале и биле седнувани на средната маса од каде што секој можел да ги слушни и да ги види. При тоа биле испрашувани за се и сешто, а нашинецот што им го знаел јазикот бил плаќан со бела меџидија за секој саат поминат со гостинот и со љубопитните муабетчии. Кога ќе дошле царските луѓе тука кондисувале и тука ги слушале поплаките и давиите на сите што тоа можеле да го платат.

Дошло и српското… Луѓето се мениле, се мениле и сликите на ѕидовите ама Чибук Меаната си останала иста. Само што кодошите наместо на кајмакамот и заптиите, муабетите им ги пренесувале на началникот и на џандарите.

Дошле и партизаните… И тие сакале да седнат и да направат по некоја ракија и да завиткаат по некој тутун. Меаната не ја национализирале бидеќи во меѓувреме се отвориле големи анови и хотели кои биле помрсен залак од меаната стисната на крајот на чаршијата. Кодошите се разбира останале исти и повторно си ја вршеле работата. Стопанот си останал и си продолжил со работата. Прибрал едно девојче, сестра на отепан партизан од Долнодупени и од тогаш си немал никаков проблем со народната власт.

Долнодупенката се викала Ленка и машала, била како написана од Серпиери. Крупни колкови и газој на кои можела да и позавидува секоја градска ороспија. Танко половинче, вита висока става, долга кадрава коса и гради кои како да ќе летнеле во секој момент… Меаната почнала да работи како никогаш дотогаш. Се проширила и во дворот и стопанот прикупил уште неколку бочви за вино и ракија.

На се поголемиот број прошетани во странство им било кеиф да донесат по некое пакетче тутун и по некоја кутија странски цигари да се почестат со другарите, а и да и се пофалат на Ленка дека ете тие прошетале виделе и сега се попаметни поучени и понашетани од другите во Меаната. Се пафкал лут тутун од Суматра, друг поблаг растен под скалестите пирамиди на Јукатан, па дури и Кохиби од Куба. Се чул некој муабет дека дури и Кастро, по Тито пратил некоја кутија за да се дегустира во Чибук Меаната. Муабетот не се потврдил ама затоа по некоја година дошле од Кубанската амбасада и се задржале во меаната цел ден. Пиеле, јаделе, пушеле, а посебно кеиф им правеле сликите на Кастро и на Че кои стоеле веднаш до сликата на Тито, Нехру и Насер. Еден од нив смртно се заљубил во Ленка и откако оваа го одбила, на враќање за Белград се фрлил од возот право на спилите кај Могила.

Врвеа годините, аЧибук Меаната остана таква каква што беше во последните 200 години. Се шушкаше дека работата не е чиста, а идеа научници физичари од цела бивша Југославија. И тие си поседувале, пиеле кафе, пафкале тутун и се муабетеле користеќи изрази како што се: Темпорално-неутрални, лимбо, временска инертност, просторвременски јазли и слични глупости… Биле досадни и по некое време тукашните изгубиле интерес за нив. А дека не биле чисти работите доказ бил Стопанот и неговата фамилија, како и Ленка која после војната дошла тука како 14 годишно девојче, а после осамостојувањето личеше на 25 годишна девојка. Луќето го игнорираа тоа зашто за работи кои не можат да ги разберат повеќето ги туркаат на страна од умот и настојуваат да не размислуваат за нив.

Дојде 21 век, а веднаш потоа и 1 Јануари 2010 година.

Чибук Меаната опусте. Се врткаа старите гости едно 10-15 дена ама немаше што да прават. Нит кафето се пиеше, нит ракијата лутеше. Виното пак ни оддалеку не можеше да се препознае, а не пак да се мисли за него како за крв христова.

Стопанот виде не виде и ја закатанчи. Ја затвори.

А Ленка…

Ленка отиде на налани в Монопол тутун да реди…

категории: општество · политика · сеир
Tagged: ,



11 responses so far ↓

  •   gjurovski // јан 12th 2010 at 6:25 pm

    Имав проблем со постот.
    Одненадеж не се појавуваше и блогот ми пријавуваше скршен линк, односно нот фаунд…
    Па еве го пак.

  •   novajlija // јан 12th 2010 at 7:14 pm

    Ленка остави чибук меана
    и на налани отиде
    тутун да реди в монопол
    баш кога цигарите беа забранети.

    Се’ апсурд до апсурд

    на овој блог мислам прв пат коментирам..
    добро,секогаш има прв пат и плус јас сум н
    Новајлија…

  •   gjurovski // јан 12th 2010 at 8:21 pm

    Е да видиш батка…
    Пошто во таква држава живееме – ЧУДО ДО ЧУДО!

    Иначе добредојде…

  •   Сатаниел // јан 12th 2010 at 9:38 pm

    RIP Çibuk Mеана

  •   gjurovski // јан 12th 2010 at 9:49 pm

    Вајстина РИП…

  •   БЛОГЕРАЈ — Blog — Чибук Меана // јан 12th 2010 at 11:58 pm

    [...] НОВ ЕК [...]

  •   lucija // јан 13th 2010 at 5:31 pm

    …откако Ленка отиде тутун да реди-тутунот го забранија по меаните…Одлична приказна…со трагикомичен крај…„и све по законуууу…“…Поздрав„!!!

  •   gjurovski // јан 13th 2010 at 7:09 pm

    Не кршете ги багремите?

    Немој таа песна…

  •   roboto // јан 13th 2010 at 7:20 pm

    A comprehensive smoking ban in New York was found to have prevented 3,813 hospital admissions for heart attacks in 2004, and to have saved $56 million in health-care costs for the year.

  •   gjurovski // јан 13th 2010 at 7:40 pm

    Не заебавај…

    А компрехесив смокинг бан ин Мацедониа доведе до отпуштање на неколку илјади работници во угостителскиот сектор.

    Абе уште ве лажат комунистите. Ова е за народ да се занимава со муабети за пушење и непушење наместо со други многу погорчливи и позатруени работи во државава!

  •   livingdoll // јан 14th 2010 at 10:19 pm

    …цела историја на народните маси…
    убав осврт си дал…и Ленка…

You must log in to post a comment.